Во Турција приведен уредник на опозициски сајт

Турската полиција го приведе Али Ергин Демиран, уредник на сајтот „sednika.org“, кој резултатите од референдумот за уставни промени ги прогласи за незаконски.

Главниот уредник на левичарскиот сајт е приведен во текот на рацијата извршена во канцелариите.

„Демиран е притворен под обвиниение дека организирал протести преку социјалните мрежи, се обидувал да ја докаже незаконитоста на референдумот и ги поттикнувал луѓето на непријателство“, се наведува на сајтот.

Меѓу другото, во текстот се потенцира дека „sednika.org“ нема да биде замолчен.

Приведувањето на Демиран уследи откако истанбулската полиција лиши од слобода најмалку 16 левичарски активисти кои учествуваа во демонстрациите против резултатите од референдумот.

Досега издадени се 38 налози за притвор.

Во меѓувреме турските медиуми објавија дека шест лица се притворени во Измир под обвинение дека јавно го навредиле турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на референдумот.