Во Хонг Конг рекорден дневен пораст на новозаболени од Ковид-19

Во Хонг Конг во изминатите 24 часа потврдени се 123 нови случаи на Ковид-19, што е рекорден дневен пораст од почетокот на епидемијата.

Регистриран е и еден смртен случај од последици од новиот коронавирус, со што бројот на жртви се искачи на вкупно 16. Во Хонг Конг трет ден по ред бројот на инфицирани лица надминува над сто.

– Од вкупниот број на нови случаи, 115 се од локална трансмисија, изјави д-р Чуанг Шук-кван од Центарот за заштита на здравјето.

Таа додаде дека капацитетите на Хонг Конг за тестирање, карантин и болничко сместување го достигнуваат лимитот.

– Ако продолжи ваквиот тренд, ќе биде многу тешко да се контролира ситуацијата, посочи Чуанг.

Таа ги повика граѓаните во следните две недели да останат во своите домови ако е можно тоа.

Во Хонг Конг од почетокот на новиот бран на 6 јули регистрирани се 1.105 новозаболени лица, додека од почетокот на епидемијата с инфицирале вкупно 2.372 луѓе.