Во штипскиот ЗОО парк згрижени штрковите Силјан и Марко

Штрковите Силјан и Марко, кои деновиве беа спасени од штипските пожарникари додека ги гаснеа стрништата во штипско-карбинскиот регион ќе останат во ЗОО паркот во Штип.

Поради нивните повреди ќе мора да ја чекаат наредната сезона за преселба.

Ветеринарен лекар од Ветеринарната станица во Штип денеска ги прегледа повредните штркови, кои се заштитени птици.

„Се работи за повеќекратна скршеница на екстремитетот во пределот на зглобот. Скршеницата е лоша, како и нејзината местоположба каде самото тело и врши притисок. Само доколку мирува, со оваа мобилизација, има шанси да се создаде калус за 21 ден. Претпоставувам дека ќе остане тука“, вели ветеринарниот лекар Даниела Стојанова.

Директорот на јавното претпријатие „Исар“, Живко Тасев, вели дека место во ЗОО паркот за штрковите има и доколку повредите налагаат да останат овде, во тој случај ќе им се пружи целосната грижа.

Деновиве овие две птици се вистинска атракција за најмалите, кои секојднево ги посетуваат.