Германија ја чека бран стечаи

LinkSense.mk

Оваа и следната година во Германија ќе се зголеми бројот на фирми во стечај, првенствено поради зголемувањето на цените на енергенсите, жешката инфлација и проблемите со ланците на снабдување, информираше ревизорската агенција „Криф“ (Crif).

Сега 300.000 домашни компании имаат финансиски проблеми, велат од „Криф“, во студијата објавена вчера, за која биле разгледани податоци од речиси три милиони фирми.

Во ноември во стечај отишле 15,6 отсто повеќе отколку во март.

„Пренапумпаните трошоци за енергија, пореметувањата во ланците на снабдување и инфлацијата, предизвикуваат проблеми за многу фирми“, рече шефот на германската филијала на „Криф“, Франк Шлајн.

Тешкотиите им ги припишува на послабата домашна потрошувачка „поради растот на цените и инфлацијата“.

Агенцијата прогнозира дека бројот на стечаи на компании во Германија оваа година ќе биде за 3,6 отсто поголем отколку во 2021 година.

„Сметаме дека 14.500 фирми ќе бидат несолвентни во 2022 година, додека следната година тој број ќе се искачи на 17.000“, рече Шлајн.

Минатата година, според официјалните податоци, имало 13.993 стечаи, најмалку од стапувањето во сила на сегашниот пропис во 1999 година.

Но, тоа е заради посебните пандемиски прописи, односно гледањето низ прсти на компаниите кои во нормални околности би пропаднале поради неликвидност или презадолженост.

Вообичаените околности повторно стапија на сила на 1 мај минатата година, а до почетокот на оваа година беа изземени само компаниите кои претрпеа штети од поплавите во летото 2021 година.