Германците масовно ја напуштаат црквата, се срамат од тоа што го прават свештениците

LinkSense.mk

Во Германија се повеќе католички верници ја напуштаат црквата. Ова е последица од најновиот извештај за прикривање на сексуалното злоупотребување на деца и млади. Верниците, а и многу црковни службеници, се шокирани и разочарани, пишува Дојче веле.

Сино небо без ниту еден облак над катедралата во Ахен. Студеното зимско сонце ја осветлува црквата стара повеќе од 1.200 години. Но, зад таа прекрасна и величенствена фасада е клучот. За бесот и разочарувањето, зачуденоста, тагата, страдањата и сомневањата, во своето проповедување минатата недела зборуваше бискупот Хелмут Дизер. Тема: реакции на извештајот од Минхен, објавен минатиот четврток за постапките на црковните поглавари во случаи на сексуална злоупотреба на деца.

Во извештајот има сериозни обвинувања за поранешниот папа Бенедикт Шеснаесетти. Како кардинал, Јозеф Рацингер ја водеше надбискупијата во Минхен и Фрајзинг од 1977 до 1982 година. Во тоа време тој учествувал, меѓу другото, на состанок на кој било одлучено свештеник кој претходно бил осуден за педофилија, да биде примен во неговата надбискупија. Таму свештеникот повторно сексуално ги злоставувал децата.

Ме ужаснува и ме прави тажен, но и лут, колку е непредвидлив целосниот размер на индивидуалните судбини, а со тоа и нераскинливо поврзаните размери на проблеми во водството, кои биле и се во рацете на бискупите и нивните управи“, рече бискупот на Ахен во својот проповед.

И понатаму од тоа, неспособност да се чувствува сопствена одговорност и да се признае вината и да се бара прошка, или барем да се изрази жалење и болка поради својот удел во трагедијата“, истакна тој.

Кога бискупот Дизер проповедал во неделата, Бенедикт сè уште тврдел дека не присуствувал на конференцијата на која се расправало за свештеникот – педофил. Откако се дозна дека неговото име се наоѓа во записникот на присутните, поранешниот папа во понеделникот ја исправи својата изјава и проговори за „грешката“ која „немала зла намера“.

Но, се помалку луѓе во Католичката црква сакаат да се задоволат со такви реченици.

Не може да се остане на тоа одговорните да се кријат повикувајќи се на своето незнаење или на други околности или други постапки во тоа време“, рече во својата проповед бискупот Дизер. „Затоа што тогаш не беа спречени насилниците, тие продолжија да ги малтретираат децата! Дури и поранешниот папа може да биде виновен и тоа тој мораше јавно да го признае, не само во молитва или исповед, додаде Дизер.

И луѓето кои ги сретнуваме покрај катедралата во Ахен се исто така згрозени. „Сите свештеници сега треба да заземат став“, бара еден постар човек. Тој и неговата сопруга се согласуваат дека аферата со злоупотреба на деца и млади и фактот дека со децении се се негира и прикрива, нанеле голема штета на Католичката црква. „Сигурна сум дека се повеќе луѓе сега ја напуштаат црквата сега“, вели жената.

И тука е во право: во баварските градски служби кои се одговорни за регистрирање на верниците кои сакаат да ја напуштат Црквата, владее вистинска навалица. На пример, градските служби во Минхен сега регистрираат двојно повеќе барања за истапување од Католичката црква.

Малку остана од некогашната еуфорија околу изборот на германскиот кардинал за поглавар на Католичката црква. „Ние сме папата“ – тоа беше насловот во еден германски таблоид во 2005 година. 

Состојбата става тежок товар на многу верници, вели бискупот на Лимбург, Георг Бецинг, кој претседава со Германската бискупска конференција. Мора, вели тој, да се правдаат пред пријателите и семејството за „фактот дека сè уште припаѓаат на овој клуб“. Тој вели дека мора јасно да се согледа какво „катастрофално однесување“ направиле црковните службеници – „сè до почесниот папа“.

Ги разбирам сите кои се караат со Црквата и со нас одговорните, а кога ќе се сетам на фактите од Минхен, се срамам од оваа Црква.

Јасните зборови на бискупот Бецинг ги охрабруваат лаиците во Католичката црква.

Гледам дека многу бискупи се добронамерни. Мислам дека би било многу неправедно да се однесуваме кон сите на ист начин, да ги третираме сите исто“, рече Ирме Штетер-Карп, претседателка на Централниот одбор на германските католици (ЗДК).

И таа е згрозена и шокирана од обемот на прикривањето.

Организираната неодговорност со која Црквата реагираше на случаите на злоупотреба, мора да заврши“, вели таа за Дојче Веле.

И Стетер-Карп е, исто така, разочарана од поранешниот папа Бенедикт.

Тој, спротивно на неговата писмена изјава, сега го признава само она што повеќе не може да се негира. Неограничено преземање лична одговорност за тогашното недолично однесување сега е неопходно“, децидна е Стетер-Карп.

Сега, вели, треба да се излезе со целата вистина, а не само да се признае она што и онака веќе не може да се негира.

Гледам дека се соочуваме со сериозен испит“, истакнува Стетер-Карп.

Многу млади католички верници се збунети.

Во младинските здруженија јасно се чувствува колку е длабока несигурноста“, вели Грегор Подшун, член на четиричлениот одбор на Сојузот на католичката младина. Многу млади, како што вели, се прашуваат дали сè уште имаат дом во Црквата. Сојузот моментално добива бројни барања од млади луѓе кои сакаат да ја напуштат Црквата, но сакаат да останат членови на младинската организација.

Сведоци сме на тоа многу младите луѓе да ја доведат во прашање Црквата и својата вера “, рече тој.

Тие, објаснува, заклучиле дека институцијата Црква не се држи до она што го ветува Евангелието.

Постои расцеп меѓу нивната вера и црквените институции и тоа може да доведе до нивно напиштање на Католичката црква, но сепак да останат верници“, порача тој.

Подшун сака да ја остави отворена вратата за младите луѓе кои се разочарани од Црквата. Но, тој е мошне остар и груб кон Католичката црква како институција. Црквата не смее да се спасува сама. Ако сакаме да истражиме се и да ги спречиме страдањата и да прифатиме како нужно зло да ја уништиме Црквата ваква каква што е, тогаш мора да се тргне по тој пат и тогаш, следниот чекор може да биде само обнова на Црквата“, вели Подшун.

Извештајот од Минхен воопшто не го изненадил, рече тој во разговорот за Дојче Веле.

Црквата е монархиски структурирана, многу централизирана, што значи дека системот на владеење го поддржува и заштитува Ватикан, па затоа е малку изненадувачко што се прикриваат работи кои би ѝ наштетиле на Црквата“, вели тој.

Овој млад католик се надева дека шокот ќе ја поттикне Католичката црква „сериозно да размисли за покајание“.