Гејтс вети 7 милијарди долари помош за Африка

LinkSense.mk

Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ вчера објави дека ќе донира 7 милијарди долари за Африка во следните четири години, а Бил Гејтс предупреди дека кризата во Украина го намалува износот на помошта за континентот.

Донацијата на Фондацијата, која е за 40 отсто поголема од сумата потрошена во претходните четири години, наменета е за проекти за борба против гладот, болестите, сиромаштијата и родовата нееднаквост.

Најголем дел од парите одат во Нигерија, најнаселената африканска земја.

Хуманитарните групи во Африка се соочуваат со пренасочување на финансирањето кон Украина, каде што руската инвазија предизвика раст на цените на стоките во светот, што исто така ги загрозува хуманитарните активности.

„Европските буџети се длабоко погодени од војната во Украина и затоа сега трендот за (хуманитарна) помош нема да се зголеми“, рече милијардерот и ко-основач на „Мајкрософт“ за новинарите на Универзитетот во Најроби при посетата на Кенија, додавајќи дека сета актуелна помош ќе ја потроши за неколку години.

Кенија и поголемиот дел од Источна Африка се соочуваат со најтешката суша во последните четири децении.

Сушата, придружена со конфликти и пандемијата „Ковид-19“, донесе повеќе од 10 милиони луѓе во тој регион „на самиот раб на прехранбена криза“, соопшти оваа недела Христијанската хуманитарна организација „Светска визија“ со седиште во Соединетите Американски Држави.

Обединетите нации објавија дека оваа година очекуваат недостиг на храна во некои делови на Сомалија.

Гејтс во средата по состанокот со кенискиот претседател Вилијам Рут рече дека Фондацијата ќе основа канцеларија во Најроби.

„Нашата фондација ќе продолжи да поддржува решенија во здравството, земјоделството и другите критични области за луѓето на кои им се многу потребни“, истакна Гејтс, кој ја води фондацијата заедно со неговата поранешна сопруга Мелинда Френч Гејтс.

Фондацијата обезбеди 6,7 милијарди долари хуманитарна помош во 2021 година, а минатата недела вети дека ќе донира 1,4 милијарди долари на малите земјоделци за да им помогне да се справат со климатските промени.