Голем пожар на југот на Грција: Евакуирани села и манастири

Во регионот на Коринт, на југот на Грција, избувна голем пожар заради што се евакуирани жителите на шест села, како и два манастири.

Пожарот изби вчера доцна вечерта во боровата шума во мало одморалиште на Пелопонез, на околу 90 километри од престолнината Атина.

Како што објави „Катимерини“, одделни куќи изгореле, но нема потврда колку објекти се уништени.

Портпаролот на противпожарната служба, Василис Вартакогијанис изјави за ТВ Скај дека во прашање се викендици и дека сеуште не се знае колкава материјална штета е направена.

Евакуирани се околу 300 луѓе, изјави за Ројтерс, портпаролот на локалната полиција, Теодорос Хронопулос.

Повеќе од 180 пожарникари се борат со пожарот со поддршка на 62 противпожарни возила, 17 авиони и три хелихоптери.

За сега нема информации за евентуални жртви.

 

 

(Фото: Танјуг)