Гори нискостеблеста шума кај Моране и Орешани

LinkSense.mk

Пожарот што вчера избувна кај Моране попладнево се префрли во атарот на Орешани. До сега уништени се неколку хектари нискостеблеста шума. На терен се екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје. Постои стравување од можно проширување на пожарот кон реката и над викенд населбата во Орешани и зафаќање на боровата шума, заради што на помош се повикува локалното население, информираат од Центарот за управување со кризи.

На подрачјето над село Бојане гори сува трева и нискостеблести растенија. Противпожарни екипи се на терен и во моментот нема потреба од воздушна интервенција. Пожарникарите го држат огнот под контрола за тој да не се прошири кон Желино и да ги зафати тамошните зимзелени и дабови дрва.

Пожарот, пак, кај браната Матка е изгаснат и на терен е оставена екипа да дежура. Уништена е нискостеблеста шума.

Изгаснат е и пожарот кај село Барово, општина Сопиште со навремена интервенција на екипа од ЈП „Паркови и зеленило“. Во пожарот горела нискостеблеста шума.