Господин господин министер

Ви пренесуваме дел од колумната на Катерина Блажевска за Призма:

Има разлика меѓу сиромаштија и беда. Иако двата термина во суштина се однесуваат на лоша и тешка егзистенцијална состојба, во преносна смисла зборот беда има потенцијал да означи и нешто различно од немаштијата – беда на духот, на културата, на вредностите, на моралот.

Ако си сиромашен, не значи и дека си беден во таква смисла. И обратно, некој може да има торби и торби со пари и милиони вреќи брендирана облека, но тие да не можат да ја покријат неговата морална беда.

Атиџе Муратова, на пример, е сиромашна од егзистенцијален аспект, но во исто време самата е раскошен бренд, каков што не може да купи за пари. Во патот до таа нејзина ризница ние немаме ама баш никаков придонес. И никогаш немаше да дознаеме за нејзиниот живот и принципи, ако не беа креаторите на филмот. А сега сите сакаме да брцнеме во тој мед.

Зошто? За да ја ублажиме нашата сеопшта беда, заглавена во илузии дека само материјалното богатство носи успех и почит, а сите други се глупаци што навреме „не се снашле“. Тоа е нашата паланечка филозофија.

И одеднаш ќе се појави таа од некоја бекирлиска недојдија, да ни покаже дека богатството е во нешто друго: во нејзината порака и мисла, во начинот на кој е споена со природата, во начинот на кој се однесува кон луѓето, особено кон оние мали инсекти од чија улога во опрашувањето на растенијата зависи најмалку една третина од храната што ја јадеме.

За волја на вистината, ние повеќе користиме друга храна. Во нашиот секојдневен речник нема ни нектар, ни мед, ни емпатија, туку пелин. Не успеавме за себе да изградиме бренд „вредни како мравки“ и не се интегриравме во сложна заедница налик на пчелната.

Кај нас навистина врие како во кошница, ама не од работа, туку од глупости. Ние рефлектираме морална беда, со потенцијал таа да станува сѐ поголема. Не е доказ за тоа само она корона-видео, во кое индивидуален израз на простаклак и ксенофобија фрли дамка врз целата заедница и ја претстави како примитивна. Ниту коњот обесен во камионска приколка. Или оној примитивен член на заедницата што се олеснува во паркот на Жена-борец.

Не се тоа причини за нашата беда. Тоа се последици од хроничноста на бедата во нашата необлагородена заедница, од која е протерана секаква форма на почит, лична култура и стандарди на јавна комуникација.

Па, видете ја само снимката од разговорот меѓу дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски, и градоначалникот на Општина Конче, Благоја Илиев. Темата „култура на однесување“ се отвора откако Илиев му вели на Трипуновски „Јас не те тужам БЕ, јас те гледам во очи“.

„Како БЕ, со речник БЕ, така ли ве учат во Ес-де-ес?“, прашува Трипуновски.

Прашањето би било логично, доколку и самиот дополнителен заменик-министер не ословува со БЕ во прашањето, но и во целиот дотогашен  разговор.

Пред да побара соодветен речник од соговорникот, еве како изгледаа дел од репликите на Трипуновски до Иванов: „Не се нервирај БЕ сега“, „Како БЕ трипол месеци задоцниле?“ „АБЕ градоначалник, земи напрај ги улициве овдека“, „Млад човек си БЕ, не се нервирај, … те гледам БЕ“, АБЕ зашто викаш, кажи ми? Чекај БЕ, АБЕ гласот ќе ти се фати“…

Целата колумна на Призма на следниот линк.