Груевски во затвор на хартија, но дали и во ќелија?

LinkSense.mk

Последиците што може да ги предизвика претседателската аболиција и остатоците од партизираното судство, ја намалуваат вербата кај граѓаните за санкционирање на криминалите од повисок политички профил и нивните носители.

„Не ми се суди само мене. Се суди на суверенизмот како моја определба во македонската политика. Овој политичко-судски прогон е казна за мојата позиција и цврстина за македонските интереси, и инструмент за заплашување на илјадници граѓани на Македонија кои не се согласуваат со овие политики на актуелната власт“.

Со овие зборови поранешниот премиер Никола Груевски на неговиот Фејсбук профил „објасни“ зошто е казнет од првостепениот суд со две години затворска казна.

Случајот „Тенк“ нема никаква врска со наводна одбрана на македонскиот суверенитет, туку со кривични дела извршени при незаконска набавка на луксузен блиндиран „мерцедес“ од 570.000 евра. Сепак, Груевски реши неговата одбрана да ја смести и на политички терен, и тоа за најсензитивното прашање: актуелните грчко-македонски разговори за решавање на дводеценискиот спорот за името.

„Денес е јасно дека дел од пресудите кои ќе ги објави овој суд можеби ќе гласат од името на народот на Република Македонија, но поголемиот дел веројатно ќе гласат од името на народот на Република Горна, или Северна, или Вардарска Македонија итн (…) Иако сакав да најдам решение на наметнатиот проблем со името, сепак не дозволив негово решавање по терк на јужниот сосед. Останав цврст и издржав на многу притисоци и закани. Овој политичко судски прогон е цената што треба да ја платам за бранењето на националните и државни интереси“, напиша Груевски.

И покрај ваквата самопрокламирана храброст, тој не собра сили во судот да се соочи со првостепената пресуда. Остана дома.

Додека пресудата за „Тенк“ не стане правосилна, Груевски е слободен граѓанин, имајќи предвид дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не побара мерка притвор, бидејќи претходно му беше одземена патната исправа.
Сатисфакција за болките и штетите

Денес во солзите на Груевски не веруваат сите оние коишто во 2015 година ги слушнаа снимките („бомбите“) од масовното и незаконско прислушкување на над 20.000 граѓани, а кои сведочат за незаконски и волунтаристички постапки и за одбрана единствено на „суверенитетот“ на тогашната, децениска власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Луѓето ја доживеаја пресудата од две години затвор како сатисфакција за болките, штетите и неправдите што осудениот ѕвер им ги предизвикуваше повеќе од едно десетлетие – и на личен план, и во однос на тоа што луѓето во оваа заедница го формираат и го разбираат како општо добро“, оценува новинарот Бранко Тричковски.

„Истовремено, сите чувствуваат дека се случи нешто многу важно и за личните и за заедничките перспективи. Пресудата е камен-темелник на обновата на правниот систем во државата, односно на реконституцијата на Македонија. Се осмелувам да кажам: конститутивен акт! Граѓаните ги чувствуваат тие димензии како чин на ослободувањето и новото втемелување“, смета Тричковски.

Од друга страна, поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, кои исто како и Груевски снимките ги третираат како лажни „сечени, лепени и монирани“, казната за бившиот партиски лидер ја доживуваат како удар врз „патриотизмот и македонштината“.

„Вие сте голем и храбар човек“, „Ја имате потребната храброст, жарот на непокорот…“, „Не можат да ги поднесат вашите успеси и способности“, „Само храбро војводо“, гласат дел од коментарите на поддржувачите на Груевски.

Правни „мини“

Но, во судот не играат улога емоциите на граѓаните туку доказите, процедурите, правните лекови, но и правните „мини“. По изрекувањето на првостепената пресуда на повидок се многу правни лавиринти кои гарантираат едно: дека ќе помине уште многу време до потврдување на правосилноста на пресудата, нејзино укинување или враќање на процесот на почеток. Одбраната на Груевски најави жалба до Апелациониот суд, а со оглед на роковите за доставување на пресудата, рокот за жалба и почетокот на колективниот одмор за судовите, таа фаза најверојатно ќе дочека доцна есен, а не рана есен (септември) како што некои прогнозираа.

Потоа одбраната има право и на вонреден правен лек – да поднесе барање на заштита на законитоста до Врховниот суд. Со оглед дека највисокиот суд не е лимитиран со рок во кој треба да се изјасни, на одлуката може да се чека не се месеци, туку и со години.

„Вонредните правни лекови не го одложуваат извршувањето на пресудата од Апелацискиот суд, но Врховниот суд може и да одлучи за запирање на нејзиното извршување сѐ до неговата одлука. Најчесто, тоа се прави со образложение ‘за да не настане ненадомeстлива штета и повреда на човековите права’“, вели судијата Лазар Нанев.
о оглед на персоналниот состав во Врховниот суд – судии за кои во „бомбите“ се откри дека се на „отворена линија“ со извршната власт, Нанев се сомнева во брза и независна одлука.

Целиот текст на Дојче Веле прочитајте го ТУКА.