Група А: Арсенал во осминафинале, Лудогорец во Лига Европа

Фудбалерите на Арсенал го победија на гости Базел со 4:1 во шестото коло од Групата А од Лига на шампиони, додека Пари Сен Жермен и Лудогорец во Париз играа нерешено 2:2, што на бугарската екипа и беше доволно за да избори пласман во Лига Европа.

Арсенал полесно од очекувањата триумфираше во Швајцарија и на крајот со 14 бодови, како првопласиран во Групата А, избори пласман во осминафиналето од ЛШ, додека ПСЖ после ремито со Лудогорец заврши на второто место со 12 бодови, бугарската екипа е трета со три, а Базел е последен со два бода.

arsenal-1

Најзаслужен за победата на „топчиите“ во Базел беше Лукас Перес кој постигна три гола. Тој стана шести фудбалер на Арсенал кој постигнал хет-трик во Лигата на шампиони.

Пред него тоа им пошло од рака на Тиери Анри, Даниел Велбек, Оливие Жиру, Никлас Бентнер и на Месут Озил.

Перес во осмата минута го доведе Арсенал во водство од 1:0, а во шеснаесетета зголеми на 2:0.

arsenal-3

Овој 28-годишен Шпанец во 47 минута по трет пат се запиша во листата на стрелците, а Алекс Ивоби ја доведе лондонската екипа до четири гола предност.

Единствениот гол за Базел го постигна Сејду Думбие во 78 минута.

Лудогорец му пружи неочекувано силен отпор на ПСЖ во Париз и на крај избори пласман во Лига Европа.

Бугарскиот тим поведе со голот на Вирџил Мисиџан во 15 минута, а во 61 минута ПСЖ изедначи со погодокот на Ендисон Кавани.

psg-ludogorec

ПСЖ не успеа да поведе, дури Лудогорец стигна до вториот гол, а стрелец беше Вандерсон во 69 минута.

Парижаните во судиското надополнување на времето со погодокот на Анхел Ди Мариа стигнаа „во последен час“ до изедначување.

Извлекувањето на паровите за осмина фуналето на ЛШ ќе се одржи на 12 декември во Нион.