Гутерес го повика Трамп да ја повлече забраната

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутерес, го повика денес американскиот претседател, Доналд Трамп, да ја отповика забраната за влез на државјани од седум муслимански држави „што е можно побрзо“.

Гутерес изјави дека секоја држава има право да спречи инфилтрација на терористичка организација, но тоа да не биде засновано на дискриминација поврзана за религија, етничка припадност или националност.

Генералниот секретар на ОН предупреди дека „мерките кои не се засновани на цврсти податоци, главно се неефикасни, затоа што ризикуваат да ги заобиколат денешните софистицирани глобални терористички движења“.

Гутерес изрази загриженост поради тоа што бегалците кои бегаат од конфликти и прогон наидуваат на дополнителни затворени граници, што е кршење на меѓународниот закон за бегалци според кој тие имаат заштита.

Таквата дискриминација, според првиот човек на ОН, е против „фундаменталните принципи и вредности“ и таа, напоменува тој, предизвикува распостранета нервоза и гнев“ кои би можеле да поттикнат екстремистичка пропаганда.