Далај-лама сака средба со Доналд Трамп

Тибетантскиот духовен водач Далај-лама изјави денес дека сака да го посети новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, што веројатно ќе ја налути Кина која овој нобеловец го смета за опасен сепаратист.

Тој рекол дека од секогаш ги сметал САД за „водечка нација на слободниот свет“, пренесува Ројтерс.

„Мислам дека има некои проблеми во САД, затоа ќе одам де се видам со новиот претседател“, им рекол Далај-лама на новинарите при посетата на Монголија, не наведувајќи на кои проблеми конкретно мисли.

Тој, меѓутоа, ја осудил реториката од предизборната кампања во Америка.

„Кандидатите во текот на кампањата имаат поголема слобода на изразување. Но, кога еднаш се избрани, кога имаат одговорност, тогаш мораат да ја изнесат својата визија, својот реален план“, нагласил Далај-лама.

Претседателот Барак Обама за осум години мандат четири пати го прими Далај-лама во Белата куќа, и покрај предупредувањето на Пекинг дека тоа ќе им наштети на билатералните односи.