Дали Бранко локално го поздрави Зоки?

LinkSense.mk

Најверојатно СДСМ не успеа да го испорача резултатот за себе, па ако не испорачаш за себе, не можеш ни за другите“, вели вчера во „Утрински брифинг“ Имер Селмани, анализирајќи ги резултатите по првиот круг на гласање на тековните локални избори. Колегата Лирим Дулови кај Чомовски, пак, оцени дека партиските членови на СДСМ, а и граѓанството воопшто, ни во Град Скопје не ги дадоа „планираните“ гласови за Шилегов.

Едно е општата констатација за масовното незадоволство на граѓаните од владеењето на сдсмовските градоначалници – за некои од нивните „обновени“ мандати ни магарињата од Истевник, делчевско, не би гласале; што е, веројатно, превладувачкиот фактор во лошиот резултат на СДСМ. Но, има ли внатрешен „контраудар“ и во самата партија, како што тоа ѝ се случуваше на опозицијата, со разни „ножеви забиени в грб“, за кои обвинуваа во повеќе претходни изборни наврати?

Впрочем, немаше Заев вчера да испраќа писмо до сопственото партиско членство – и тој, како своевремено Груевски во својата прочуена партиска епистола, вели дека „сега е време за борба (збор што го повторува 5-6 пати во обраќањето – м.з.)… против злото… и враќањето на режимот“ итн. – со наслов „Обединување!“, ако во самата партија не заклучиле дека мора да постои извесно внатрепартиско „разединување“ по повод тековните изборни резултати.

Брзата анализа на изборните резултати укажува на идентична аномалија на сличен процент (околу 10%) на гласачки бојкот во мнозинството на општините, а како расте големината на населението по градовите, така расте и големината на бојкотот, со Скопје на врвот на таквата воздржаност, со пад на гласачката поддршка за СДСМ од 13 проценти. Анализата на статистиката вели дека лошиот резултат на владејачката партија не е последица на прераспределбата на гласовите од СДСМ кон конкурентите, а ниту ни на, за неколку проценти, помалата излезност на овие во споредба со претходните избори, туку на директната воздржаност на поддржувачите на СДСМ да го дадат својот глас за таа партија.

Оттука натаму, влегуваме во светот на политичките шпекулации… Материја за сладострасно политичко уживање!

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука