Две агенции на ЕУ се селат од Лондон

За идната локација на двете агенции на Европската унија, чие моментно седиште е во Лондон, ќе се разговара во рамките на преговорите за Брегзит, соопшти денеска британското одделение задолжено за спроведување на раздвојувањето.

Истовремено, официјални лица од Унијата велат дека нема сомнежи дека Европската агенција за лекови (ЕМА) и Европската банкарска агенција (ЕБА) кои вработуваат речиси 1.000 луѓе, главно Британци, ќе бидат преселени од Лондон.

„Никакви одлуки сеуште не се донесени во врска со идната локација на Европската банкарска агенција или агенцијата за лекови, затоа што тоа прашање ќе биде разгледувано кога ќе се расправа за Брегзит“, се наведува во соопштението на официјален Лондон.

Во соопштението стои и дека во рамки на тие преговори, владата ќе разговара со ЕУ и земјите членки како, во најдобро светло, да ја продолжат соработката на полето на банкарството и на полето на регулативата во контролата на лекови, и во најдобар интерес како за Обединетото Кралство така и за Европската унија, и се додава дека не би било во ред да се прејудицира на резултат од преговорите.