Девет кандидати за наследник на Џонсон

LinkSense.mk

Девет конзервативци досега влегоа во трката за наследник на Борис Џонсон на позицијата британски премиер, само неколку дена откако Џонсон потклекна на притисокот и одлучи да се повлече. Оданочувањето би можело да доминира во трката за лидерство на Конзервативната партија, бидејќи Британија се соочува со отровна комбинација на висока инфлација и неконтролирано зголемување на трошоците за живот заедно со забавениот раст и релативно високите даночни стапки.

Поранешните министри за здравство Џереми Хант и Саџид Џавид ветија дека ќе го намалат данокот на добивка откако и двајцата одделно ги објавија своите кандидатури за лидерската позиција кај ториевците. И двајца членови на владата, министерот за финансии, Надим Захави, и министерот за транспорт, Грант Шапс, ги открија своите амбиции да влезат во трката.

Хант и Џавид, во одвоени интервјуа за британски „Телеграф, рекоа дека не само што ќе ги напуштат плановите на поранешниот министер за финансии за зголемување на данокот на добивка од 19 на 25 отсто, туку и ќе ја намалат даночната стапката на 15 отсто. Захави, наследникот на Риши Сунак, претходно оваа недела рече дека „сите опции се на маса“, кога беше прашан за даночната политика. Хант би ја намалил даночната стапка на 15 отсто уште при првата есенска пресметка, додека Џавид би поставил „пат на намалување“.

Џавид рече дека, исто така, ќе ги намали или промени другите даноци, дури и ќе го укине неодамнешното зголемување на националното осигурување кое требаше да гарантира финансирање за здравствените услуги. Захави вети дека ќе ги намали даноците за поединци, семејства и фирми, ќе ја зголеми потрошувачката за одбрана и ќе ја продолжи реформата на образованието која ја почна додека беше на чело на тој ресор.

Хант, Џавид и Захави не се меѓу најпопуларните членови на Конзервативната партија според неодамнешните анкети, но тие се меѓу најистакнатите кои започнаа кампањи. Освен нив, кандидатурата ја најави и Шапс, искусен претставник кој првпат беше во владата далечната 2010 година, но и тој не важи за фаворит во анкетите.

Но, министерот за одбрана, Бен Валас, кој ужива најголема популарност во најновите анкети, рече дека нема да се кандидира после разговарот со колегите и семејството. Ран фаворит е поранешниот министер за финансии Риши Сунак, кој помогна да се покрене побуна во владата што доведе до принудна оставка на Џонсон во четвртокот.

Сунак, тесно пред Трус во најновата анкета за популарност на членовите на Конзервативната партија, веднаш ја привлече поддршката на некои пратеници, но и гневот на оние лојалните на Џонсон. Сунак и Џавид поднесоа оставки во вторникот вечерта и поттикнаа десетици помлади колеги да го следат нивниот пример, со што го принудија својот поранешен шеф да отстапи од позицијата водач на ториевците 36 часа подоцна.

Џонсон, чија тригодишна премиерска должност беше обележана со скандали, со излегување на земјата од Европската унија и пандемијата на коронавирус, рече дека ќе остане на функцијата додека не се избере неговиот наследник.

Членовите на Конзервативната партија треба да го изберат својот нов лидер пред нивната годишна конференција на почетокот на октомври – 358 пратеници од ториевците ќе гласаат во повеќе кругови додека не се изберат двајца кандидати за последниот круг.

Главната јавна обвинителка и заоворникот за Брегзит, Суела Браверман, релативно непознатата поранешна министерка за рамноправност, Кеми Баденох, и пратеникот од конзервативците, Том Тугендат, исто така, ги објавија своите кандидатури. Тоа го стори вчера и пратеничката Пени Мордоунт.

Се очекува во трката да влезе и министерката за надворешни работи Лиз Трус. Шефицата на британската дипломатија е миленик на Конзервативната партија и редовно беше меѓу најпопуларните политичари на партијата според анкетите на веб-страницата „Конзервативен дом“.

Трус многу внимателно го негува својот имиџ во јавноста, а минатата година беше фотографирана во тенк, што потсети на познатата фотографија на првата британска премиерка Маргарет Тачер од 1986 година. 46-годишната Трус првично се спротивставуваше на Брегзит, но на референдумот во 2016 година рече дека се предомислила. Таа сега е одговорна за односите со ЕУ – во врска со трговските правила за Северна Ирска по Брегзит – и зазема сè поостра линија во преговорите.

Трас во вторникот рече дека Џонсон ја има нејзината „стопроцентна поддршка” и ги повика колегите да го поддржат.

Во четвртокот премиерот попушти под се поголемиот притисок, а министерката рече дека Џонсон со повлекувањето ја донел вистинската одлука.