Дел од Шар Планина се става под привремена заштита до донесување на Законот со кој ќе се прогласи за национален парк

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, согласно Законот за заштита на природата, донесе решение за привремена заштита на делот од Шар Планина за кој се води постапка за прогласување за заштитено подрачје во категорија II – национален парк.

Привремената заштита на подрачјето на кое се однесува решението, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, се применува до денот на влегувањето во сила на Законот со кој ќе се прогласи дел од Шар Планина за национален парк.

Предлог- законот е одобрен од Владата и во најскоро време се очекува да започне собраниската постапка за негово усвојување. Со усвојување на овој Закон нашата држава ќе го добие првиот национален парк од прогласувањето на независноста со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13,2 отсто од севкупната територија, стои во соопштението.