Демократски сојуз со поддршка за Шилегов: „Во вториот круг ќе се случи пресврт“

LinkSense.mk

„Во вториот изборен круг ќе се случи пресврт во резултатите, имајќи предвид дека кандидатите на СДСМ и коалицијата водат или имаат реални шанси за победа во 25 општини каде се уште се води изборната трка за градоначалници“, истакна на прес-конференција, генералниот секретар на Демократскиот сојуз, Зоран Димитровски.

Демократскиот сојуз им дава безрезервна поддршка на кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, и на останатите кандидати на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ.

„Ги повикуваме сите граѓани, симпатизери и членови на Демократскиот сојуз, во недела масовно да излезат на гласање, за да обезбедиме развој на општините и подобар живот за сите“, порача Димитровски.

Демократскиот сојуз оценува дека изборната кампања пред вториот круг е многу заострена, со голема жестина во настапите, нереални ветувања, меѓусебни обвинувања и дискредитации помеѓу кандидатите и политичките партии.

Бидејќи првиот круг на изборите помина мирно, во фер и демократска атмосфера, партијата ги повика сите политички актери сегашниот негативен набој на изборната кампања да не се одрази на изборниот ден во недела, за и вториот изборен круг да помине мирно, во демократски дух.

 

 

 

(Извор/Фото: Макфакс)