Деца од СОС Детско село и од домот „11 Октомври“ се сретнаа со премиерот Заев

LinkSense.mk

Деца од СОС Детското село и од Домот за деца без родители „11 Октомври“ денеска беа во посета на Владата каде се сретнаа со премиерот Зоран Заев и им беа доделени новогодишни пакетчиња.

„Сакаме да испратиме порака дека секој е важен, посебно секое дете. Овие деца кои се без родители или без родителска грижа, а се сместени во институциите на државата, сакавме да ја посетат Владата и заедно да поминеме моменти замислувајќи си сопствени желби за претстојната 2018 година, изјави премиерот Заев.

Целта на Владата е до 2020 година да нема дете без покрив на главата.

„Имаме модерни тенденции, согласно со европските перспективи, да се вклучат децата во семејства каде ќе се води комплетна грижа за нив. Ги следиме препораките на самите институции и убедени сме дека Македонија ќе биде посреќно општество за сите, доколку децата се среќни и ја гледаат својата перспектива во Македонија, рече Заев.

Нему му беше врачена благодарница од страна на СОС Детско село.

Директорките на СОС Детско село и на Домот „11 Октомври“ изразија надеж дека Владата ќе донесува одлуки во вистинска насока за грижа на овие деца.

„Заинтересирани сме за идната стратегија на Владата во однос на социјалната превенција, бидејќи во изминативе години бројот на деца кои имаат потреба да бидат згрижени постојано расте, а државата нема постоечки капацитети за такво нешто. Со оглед на тоа дека прагот на сиромаштија кај нас е повеќе од 20 проценти и околу 400 илјади семејства живеат во сиромаштија, што е показател и причинител голем број деца да се напуштени од родителите, очекуваме да се направат поголеми напори за социјалната превенција, изјави Јулијана Гапо,  директорка на СОС Детско село.

Според неа, важна е и поддршката на младите над 18 години кои биле згрижени во овие институции, затоа што во моментот не постои програма за нивно интегрирање на пазарот на труд.