Димитар Атанасов, бугарски историчар : Mакедонскиот јазик и нација не се вештачки

LinkSense.mk

„Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности“, оценува бугарскиот историчар Димитар Атанасов анализа за Дојче Веле на бугарски јазик, нагласувајќи дека „помирувањето со минатото е неизбежно“.

Тој во текстот посочува дека сегашниот парламентарен состав на бугарското Собрание е обременет со огромни очекувања од јавноста. Народното собрание веќе ја одржа првата седница, но според него, едно е сигурно во оваа фаза, а тоа е дека популизмот сè уште доминира, а нема волја за негово демонтирање. Во тој контекст Атанасов го посочува односот кон Македонија.

„Темата за односот на Бугарија кон југозападните соседи се наоѓа во најболното подрачје на нашата колективна меморија. Помирувањето со минатото е неизбежно. Тоа минува низ горчливото сознание дека скаменувањето на неговите слики е капитал што политичарите вешто го насочуваат кон приватниот интерес. Проблемот со Северна Македонија е резултат на целосното одбивање на низа бугарски влади да формулираат државна политика адекватна на новите реалности“, наведува бугарскиот историчар.

Според него, ако пред еден век во некои области на Македонија живееле Бугари, денес тие се само неколку илјади.

„Ако пред еден век бугарската книжевна норма ги вклучуваше говорите користени до Корча во Албанија и јужно Косово, денес во Академијата на науките постои литературен македонски јазик, создаден, слично на бугарскиот. Литературниот јазик не е земен од теренот, туку е конструиран на научен начин, а тоа се однесува на кој било литературен јазик“, посочува Атанасов, кој е автор на истражувања од областа на балканската историја и употребите и злоупотребите на приказните за минатото.

Тој при тоа како примери ги посочува создавањето на норвешкиот јазик, кој е сличен со данскиот, како и на италијанскиот и шпанскиот јазик.

„Норвешкиот јазик ја доби својата литературна норма дури во дваесеттиот век. Тоа е сосема разбирливо за Данците, чиј јазик има многу подолга историја, но тоа не создава потсмев сличен на бугарскиот јазик кон македонскиот јазик и неговите говорители. Италијанците и Шпанците исто така се разбираат без потреба од превод, но нема соседи кои се расправаат за тоа кој е полегитимен наследник на поранешниот јазик на Римската Империја“, појаснува Атанасов.

Истото, додава, важи и за македонската нација, и како и секоја друга, таа е факт и не е потреба добра волја од никого за таа да почне да постои целосно. Аргументот дека македонската нација е вештачки создадена е неодржлив – заедниците се резултат на консензус меѓу нивните членови, а не природен феномен, смета Атанасов.

Приказната за националната историја, наменета за широка јавна употреба во Бугарија, не доживеала речиси никаков развој. Погледот низ призмата на „марксизмот-ленинизмот“ е отстранет од учебниците, но национализмот – отворен или прикриен – продолжува да го дефинира историското знаење на младите, а јавноста и медиумската средина ги засилуваат овие гласови, оценува Атанасов.

„Во политичкиот говор, омразата кон соседите не се смета за непристојна. Спротивставувањето на национализмот е еднакво на отпор против одредени политички субјекти“, вели историчарот кој е дипломец на Софискиот универзитет, а денес работи во Институтот за етнологија и фолклор со Етнографскиот музеј на БАН.

Денеска, додава тој, за пет од седум сили застапени во Парламентот, проблемите во односите со соседите се покажаа незначителни, а водечките политички актери избраа да не ја чепкаат оваа тема во нивните говори на конституирањето на новиот Парламент. Исклучок беа шестата по големина политичка сила Демократска Бугарија на Христо Иванов, кој оваа тема „ја претвори во своја традиција“ и партијата Преродба на Костадин Костадинов, за кого Македонија е „втора бугарска држава“. Поим, како што вели Атанасов, чија релевантност датира од крајот на 19 и првите децении на 20 век, но нема никаква врска со современоста.

Денес, земјата со главен град Скопје е населена главно со Македонци. Замената на овој факт со старомодните приказни од пред еден век е политички капитал што партијата и нејзиниот лидер го користат и очигледно нема да се откажат од својот популистички потенцијал.

„Историското знаење треба да се ажурира. Ова не е факт во повеќето предавања на универзитетите – националистичката гледна точка доминира во областа на академското знаење. Ние, исто така, треба да ги ажурираме нашите политички сфаќања. Откако сегашната позиција доведе до ќорсокак, промената е императив. Популистичкото придржување до елемент на очекувањата на јавноста не е аргумент за инсистирање на докажаната штетна насока за двете страни“, оценува Атанасов.

Тој е дециден и дека треба да има промени во составот и пристапот на работа на Заедничката историска комисија.

„Несомнено е потребна промена во Заедничката историска комисија – и во нејзиниот концепт и во нејзиниот состав. Слободата на изразување бара од нас да признаеме дека историскиот наратив како таков не е предмет на регулација. Можеме да се согласиме во најопшти контури само за оној во учебниците. Подготвени сме да реформираме барем дел од застареноста во бугарските учебници. И со експерти кои свесно се вклучени во таков цивилизациски избор: историјата се развива заедно со општеството и нејзиното сфаќање како ‘света крава’ предизвикува блокади“, заклучува бугарскиот историчар Димитар Атанасов.