Димитриевски презентираше идејно решение за нов кружен тек во Куманово

– Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски денеска на социјалните мрежи презентираше ново идејно сообраќајно решение за изградба на кружен тек на крстосницата помеѓу булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета Македонска Ударна Бригада“. Димитриевски ги повика кумановци да дадат мислење, сугестии и идеи пред подготовката на финалниот проект.

– Оваа е новото идејно сообраќајно решение за крстосницата помеѓу булеварите „Октомвриска Револуција“ и „3-та МУБ“. Пред да пристапиме на изготвување финален проект го објавувам на увид на јавноста.

Отворени сме за сите идеи, сугестии и ваши мислења во интерес на изнаоѓање на најсоодветно решение кое идната година планираме да го имплементираме во нашата општина. Во иднина следуваат слични сообраќајни решенија на раскрсниците на булевраот „ 3-та МУБ“ кај градскиот пазар и локалитет Серава,напиша Димитриевски.

На оваа локација веќе има хоризонтална и вертикална сигнализација.

Претходно во Куманово, првпат во 2019 година беше изграден кружен тек на влезот од градот помеѓу булеварот „Трета МУБ“ и улицата „11 Октомври“ за што од општинскиот буџет беа одвоени 19,7 милиони денари.