Димитров на состанок во Словенија, Шекеринска во Португалија

На покана на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров ќе учествува на неформалниот состанок на министрите за европски прашања во својство на членови на Советот за општи работи (GAC), што денеска и утре се одржува во Љубљана и Брдо кај Крањ.

На состанокот ќе се дискутираат приоритетите на словенечкото претседателство со
посебен акцент на политиката на проширување, владеењето на правото и активностите поврзани со Конференцијата за иднината на Европа, а ќе бидат опфатени и теми во контекст на зајакнувањето на отпорноста на Унијата кон кризи, како прашања кои налагаат градење на заеднички координиран пристап.

Предвидено е Димитров да оствари повеќе билатерални средби со министрите за Европа и надворешни работи од земјите членки на ЕУ и со претседавачот на Советот за општи работи, на кои ќе се покрене прашањето за надминување на предизвиците за отпочнување на преговори со Унијата.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, пак, ја започна дводневната официјална посета на Португалија. Посетата се реализира на покана на министерот за одбрана, Жао Гомеш Кравињу и е прва официјална посета на наш министер за одбрана.

Во рамки на посетата, Шекеринска ќе има средба со домаќинот, португалскиот министер, како и со началникот на Генералштабот на Португалските вооружени сили, а ќе ги посети и Командата за здружени операции која е оперативно седиште за португалски мисии во странство – НАТО, ОН и ЕУ мисии, и училиштето за централизирана обука за странски мисии, пешадија, механизирани единици и артилерија на Португалските вооружени сили.