Димитров: Не ми е важна функцијата, важна ми е државата

LinkSense.mk

Вицепремиерот за европски прашања во заминување, Никола Димитров, во вчерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат рече дека очекувал голем број напади и реакции по неговата прес-конференција на која остро го критикуваше владиниот пристап кон македонско-бугарскиот спор, но дека од некои од тие реакции е изненаден.

Не е баш дека останав без ништо, па ајде ќе се лутам. Ако била приказната за функција, јас добив понуда за едно од најпрестижните функции, а таа е да ја претставувам земјата во Вашингтон или сам да си изберам земја. Сепак, таа функција не е толку изложена на јавност, притисок, стресови, а има петпати поголема плата од платата на член на Влада“, рече Димитров.

Според него, „гајлето што го носи како член на Владата и тимот во однос на преговорите со Бугарија, сега веќе нема да може да го носи сам, затоа што не е внатре“.

Во битката внатре, во два наврати, бев принуден да се заканам со оставка, односно им реков ако одите по оваа линија, тоа ќе морате да го правите без мене, а јас ќе излезам надвор и ќе бидам гласен. Ова му го кажав и на премиерот и на министерот за надворешни работи, додаде тој.

Останува, вели, на ставот дека конечното решение со Бугарија мора да оди на одобрување во Собранието и како причина ја наведува Декларацијата за македонските позиции усвоена од пратениците, како и тоа што и бугарската страна ќе го оди истиот пат – преку нивниот парламент.

Тоа, според Димитров, е уште еден филтер и можност за зголемена доверба во евентуалното решение.