ДКСК ќе испитува дали има судир на интереси кај министерката Ангеловска

Државната комисија за спречување
корупција отвори предмет за случајот со министерката за финансии
Нина Ангеловска со цел да испита дали има судир на интереси, во врска
со нејзиното постапување со средствата кои ги имала во
„Еуростанандард банка“, пред таа да биде ставена во стечај.

Од ДКСК за МИА потврдија дека е отворен предметот на нивна
иницијатива со цел да се расчисти целиот овој случај кој предизвика
реакции во јавноста.

ДКСК е во фаза на собирање податоци за предметот од Народна банка
и од Министерството за финансии со цел да се утврди дали
министерката имала информации дека банката ќе биде затворена, па
затоа ги повлекла нејзините финансиски средтва или пак сосема
нормално си располагала со нив, што е право на секој што има средства
на некоја банка.

Од ДКСК за МИА велат дека тука не станува збор за кривично дело, туку
за неетичко постапување доколку министерката имала информации за
пропаѓањето на банката, што секако треба допрва да се утврдува.

Проблем би било, појаснуваат од ДКСК, доколку министерката имала
таква информација и таа понатаму ја ширела до други лица за да ги
повлечат парите.

Министерката за финансии Ангеловска вчера ги демантираше
информациите кои се пласираа во врска со повлекување на нејзините
средства од „Еуростандард банка“, која е ставена во стечај, нагласувајќи
дека не е точна ни сумата која се наведува во текстовите.

„Уште од минатата година преку половина од тие депозити се
инвестирани во инвестициски фонд. Единствено што е точно во досега
пласираните информации е дека сум имала депозит во „Еуростандард
банка“, истакна Ангеловска.

Таа посочи дека целосно е неточна информацијата дека нејзините
средства ги префрлила во други банки или дека ги повлекла.

„Вистината е дека пред стапување на функцијата–Министер за финансии–овие мои лични средства, заработени пред да станам министер и уредно пријавени, беа наменети за бизнис инвестиции, а по стапувањето на функцијата, откако моите деловни активности ги ставив во втор план, дел од овие средства одлучив да ги искористам да го решам станбеното прашање, односно да купам сопствен стан со оглед на тоа што живеев под кирија“, образложи министерката.