Договор за намалување на производството на нафта

Члеките на Организацијата на земји производители на нафта (ОПЕК) постигнаа договор за намалување на производството на нафта, прв пат после осум години, што предизвика скок на цената на нафтата.

ОПЕК ќе го намали производството за 1,2 милиони барели на 32,5 милиони барели дневно, рекоа двајца делегати на министерскиот состанок на ОПЕК во Виена, а пренесе Блумберг.

nafta-2

После повеќе недели интензивни и напнати преговори, трите најголеми производители, Саудиска Арабија, Ирак и Иран, ги разрешија разликите околу товарот за намалување.

Најверојатно е дека Саудиска Арабија прифатила Иран, како специјален исклучок, да може да го зголеми производството на 3,9 милиони барели дневно, пренесува Блумберг и додава дека спогодбата вклучува и дополнително намалување од околу 600.000 барели дневно меѓу земјите кои не се во ОПЕК.

nafta-1

Спогодбата ќе им помогне на членките на ОПЕК кои се во големи финансиски проблеми поради падот на цената на нафтата во претходните две години, како што се Венецуела и Либија, но и американските производители кои го запреа производството на нафта, поради неисплатливо ниските цени.

Цената на американската нафта денес скокна за 6,9 отсто, на 48,3 долари по барел, додека нафтата Брент поскапе за 7,4 отсто, на 49,8 долари по барел.

nafta-3

Неформалната спогодба во ОПЕК од септември за намалување на производството беше доведена во прашање поради ривалството меѓу Саудиска Арабија и Иран.

Иран порано беше веднаш зад Саудиска Арабија по производство на нафта во ОПЕК, но повеќегодишните санкции поради нуклеарната програма ја намалија продажбата на иранска нафта, додека останатите во картелот го зголемија производството.

nafta-4

Со укинувањето на санкциите оваа година, Иран наголемо настојува да го поврати назад влијанието на пазарот и бара од Саудиска Арабија да се откаже од добивките за кои смета дека биле на негова штета.