Додевски: Неважно е каде е Сеад Кочан, тој е слободен граѓанин

„Тотално ирелевантно е каде е Сеад Кочан и кога ќе се врати“, изјави Никола Додевски, адвокат на газдата на „Трансмет“ осомничен за незаконски добиен тендер вреден над 17 милиони евра. Тој останува на ставот дека е противзаконито решението на Кривичниот совет, кој му определи притвор на Кочан, како и тоа дека Советот веднаш не постапил по жалбата на одбраната и не го испратил предметот на Апелација на одлучување.

„Господинот Кочан си ги извршува своите работни активности како слободен граѓанин. Незаконски решението е направено извршно бидејќи ЗКП предвидува дека во оваа ситуација пред правосилност на решението не може да се преземе никакво дејство, ниту за приведување, ниту за лишување од слобода. Сето тоа што се прави кон Кочан е базирано на таквата незаконитост“, вели Додевски.

Тој поднесе и барање до судот за укинување на мерката притвор.

Според постапката, на ред е Специјалното јавно обвинителство да ја разгледа жалбата на одбраната.

„Денеска до ова Јавно обвинителство беше доставена жалбата од одбраната против решението за определување мерка притвор за едно осомничено лице во случајот „Труст“. Ве известуваме дека во законскиот рок од 24 часа ќе биде поднесен одговор на жалба“, се вели во писмениот одговор на СЈО.

За Кочан, за кого Додевски тврди дека е на службено патување. е распишана и меѓународна потерница.

Дел од медиумите повикувајќи се на извори од истрагата, посочуваат дека осомничениот ја напуштил земјата неколку часа пред да биде објавено во јавност решението за мерка притвор.

Во четвртокот Кривичниот суд ја уважи жалбата на СЈО и му одреди 30-дневен притвор на Сеад Кочан, кој е првоосомничен во предметот „Труст“ за злоупотреба на постапката за јавни набавки.

Кочан како сопственик на фирмата „Трансмет“, заедно со раководителите на „Силекс неметали СТ“ и „Вато ДООЕЛ“, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, се осомничени во случајот „Труст“ на СЈО дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ од над 17 милиони евра во 2011 година за ископ на јаглен и јаловина од рудникот „Суводол“.

 

 

(Фото: akademik.mk)