Доларот нагло падна, курсот на еврото над еден долар

LinkSense.mk

На валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути драстично падна, бидејќи наскоро се очекува забавување на темпото на зголемување на каматите од страна на ФЕД.

Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 109,63 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 111,00 поени.

Во однос на јапонскиот јен, курсот на доларот падна на 146,10 јени, додека вчера во овој момент изнесуваше 148 јени.

А, пак, цената на еврото од вчерашните 0,9955 порасна на 1,0070 долари, што е нејзино највисоко ниво од 13 септември.

Лидерите на Европската централна банка се состануваат денеска, а аналитичарите очекуваат повторно да ги зголемат клучните каматни стапки за 0,75 процентни поени, бидејќи инфлацијата во еврозоната продолжува да се движи на рекордно ниво.

„Ќе има важни пораки од ЕЦБ. Прашањето е дали тие ќе покажат целосна посветеност на сузбивањето на инфлацијата или слабоста и загриженоста заради предизвикувачкото економско опкружување“, рече Родриго Катрил, девизен стратег во Националната австралиска банка.

Цените на нафтата, пак, дополнително се зголемија, откако вчера скокнаа за повеќе од 3 отсто. Барелот на лондонскиот пазар е поскап за 0,20 отсто, на 95,90 долари, додека на американскиот пазар неговата цена порасна за 0,18 отсто, на 88,05 долари.

На Азиските берзи цените на акциите денеска пораснаа бидејќи инвеститорите се надеваат на забавување на темпото на заострување на монетарната политика во светот во наредните месеци, додека еврото се проби над 1 долар поради очекувањата за агресивно зголемување на каматните стапки на ЕЦБ.

МСЦИ индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 7 часот утринава беше во плус 1,2 отсто, растејќи втор ден по ред.

Притоа, на Токиската берза Никеи индексот падна за 0,1 отсто, а благо паднаа и цените на акциите во Шангај. Во Австралија, Јужна Кореја и Хонг Конг, пак, тие се зголемија меѓу 0,6 и 1,8 отсто. Поради послабите отколку што се очекуваше квартални деловни резултати на голем број компании, меѓу нив и на технолошките гиганти „Самсунг“ и „Мета платформи“, на пазарите владее внимателност. Дотолку повеќе што економскиот раст забавува.

Утринава беше објавено дека растот на бруто домашниот производ (БДП) на Јужна Кореја во третото тримесечје изнесува 0,3 отсто на квартално ниво, што е најбавниот раст за една година.

Ова инаку не се добри вести за ризични инвестиции, но во контекст на напорите на настојувањата на централните банки да ја потиснат инфлацијата, тоа позитивно влијае врз пазарот на капитал бидејќи покажува дека напорите на монетарните власти даваат резултати, дека растот на економиите и потрошувачката забавува.

Ова ги зголемува надежите дека американските и другите централни банки во светот ќе го забават темпото на зголемување на каматите во наредните месеци.

Сепак, денес се очекува зголемување на каматите на Европската централна банка (ЕЦБ) за 0,75 процентни поени, а следната недела најверојатно тоа ќе го направи и ФЕД, четврти пат по ред.

Сепак, на крајот на оваа и почетокот на следната година, темпото на зголемување на каматите би можело да се забави.

На пример, вчера Канадската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,50 процентни поени, помалку отколку што се очекуваше.

„Приносите на обврзниците се генерално пониски во светот бидејќи претходните очекувања за заострување на монетарната политика на централните банки малку се намалија, што има позитивно влијание врз пазарот на акции“, вели Тејлор Нуџент, економист во Националната австралиска банка.

 

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)