Доналд не е Грујо, а и далеку е Чукотка!

Јас не мислам дека Доналд Трамп, колку и да е тоа неизмерно лесно, е похрабар политичар од Никола Груевски, па да седи дома чекајќи кога ќе го пратат во Алкатраз, туку само констатирам дека нема околна држава до САД каде што Трамп би можел незабележано во ноќта, со помош на унгарски разузнавачи, спакуван во гепек, да побегне. Каде? Мексико!? Канада!? Куба!? … Таму едвај – со камери – го чекаат да им дојде, не е тој белки повеќе несалам отколку што излезе.

Всушност, најдобра опција би му било да ја прелета Канада, на пат до Аљаска – таму демократите немаат победено на избори од 1964 година со Линдон Џонсон, откако Бог нагло го прости Џон Ф. Кенеди… Демек, едно утро, Доналд ноншалантно да соопшти дека оди да игра експериментален голф на мраз, па од неговата резиденција во Мар-а-Лаго на Флорида да летне накај Аљаска и да слета во централниот дел, во Фербанкс (Енкориџ му е многу на југ, а башка, лажги на страна, во Фербанкс реално има дури три одлични голф терени!); потоа на снежни санки, за два-три дена патување, да се пробие до реката Јукон; таму да се преправи во турист од Норвешка и да се приклучи на некоја група што патува со парен брод до градчето Галена; од таму ноќум да се искраде и, со помош на Сара Пејлин, во рента едномоторец да прелета, брат-брату, едно 400 километри до полуостровот Севард, а после е лесно: од најзападната точка на Аљаска до сибирскиот полуостров Чукотка дали има едвај 50 милји… Да е 30-40 степени потопло, тоа би можело и со пливање, ама не мора, бидејќи Русите секако ќе пратат некакво пловило (над вода, под вода, не е важно) по него.

Значи, ни гепек, ни бутур, за пет-шест дена, од Флорида – тингаууу, во братска Русија! Ни лук јал, ни лук мирисал.

Проблемот на Трамп е што за едно такво спектакуларно холивудско бегство, за да го примат во Русија, треба пари, многу пари, а тој ни оддалеку ги нема ресурсите на Груевски. Во Америка тешко се краде додека си претседател, а ако после мандатот те затворат, отиде пензијата и сите лукративни договори за лобирања, мемоари, филмски права, држење пригодни говори и предавања… Кај нас е обратно: прво десет години узурпираш власт, се накупиш станови и имоти број да не им се знае, го праќаш Миле пет-шест пати да каже „гутен морген“ во швајцарски Хорген, и после само кафе останува да се напиеш со Орбан.

Тоа се вика да се мисли однапред, за да не се думаш одназад.

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.