До 120 повици дневно во ИМП, граѓаните се жалат на срцеви тегоби, главоболки, притисок, поспаност

Од 100 до 120 повици дневно има во Службата за Итна медицинска помош во Скопје. Граѓаните кои не се чувствуваат добро поради топлото време имаат кардиоваскуларни
промени, главоболки, притисок, вртоглавица, малаксаност, поспаност…

Тоа се најчестите симптоми, изјави за МИА раководителот на Службата за Итна медицинска помош, Милица Бубало.

Таа посочи дека во однос на претходниот период нема зголемување на бројот на повици во ИМП, што најверојатно се должи на тоа што најголем дел од граѓаните се на годишен одмор надвор од градов.

– Граѓаните, а особено постарите лица и бремените жени треба да избегнуваат подолг престој на отворено во периодот од 10 до 17 часот.

Хронично болните навреме треба да ја земаат терапијата, а бебињата не треба да се изложуваат на високи температури. Тоа не значи дека не треба да внимаваат и младите. Треба да се носи лесна облека, да се внимаат на исхраната која треба да биде свежо подготвена и да се пијат повеќе течности, додаде д-р Бубало.