До 21 април продолжен рокот за аплицирање за наградата „Жан Моне“

Делегацијата на Европската унија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) информираат дека рокот за аплицирање за наградата „Жан Моне“ е
продолжен до 21 април.

Наградата се доделува во три категории–најдобра новинарска сторија, најдобра репортерска фотографија и најдобра аматерска фотографија.

Во категоријата за најдобра новинарска сторија може да учествуваат новинари од земјава чии стории се однесуваат на темата „Солидарност на Европската унија за време на пандемија-очекувања и можности“. Сториите треба да бидат објавени во домашни весници, списанија, телевизии, радио или веб страници во периодот меѓу 1 јануари и 31 декември 2020 година.

Наградата за најдобра новинарска сторија се состои од статуетка, диплома и ваучер од 1.000 евра.

За најдобра репортерска фотографија може да аплицираат сите професионални фоторепортери и фотографи кои имаат до три фотографии на истата тема објавени во истиот период од 1 јануари до 31 декември. За нив, наградата е статуетка, диплома и ваучер за техничка опрема во вредност од 1.000 евра.

Во категоријата за најдобра аматерска фотографија може да конкурираат сите фотографи аматери кои треба да доставатат една фотографија на тема „Заедницата–тоа сме ние“. Фотографиите кои се натпреваруваат може, но и не мора, да биле претходно објавени. Наградените ќе добијат диплома и ваучер во вредност од 500 евра.

Изборот на најдобрите стории и фотографии го прави петчлена комисија.

Свеченото доделување на наградите е на 28 април годинава.