ДПА ја прифати понудата на СДСМ за разговори за учество во новата влада

СДСМ на ДПА и понудил да биде дел од нова владина коалиција. Демократската партија на Албанците начелно е согласна да биде дел од Владата, но било договорено да се формираат работни групи кои ќе ги предводат секретарите на двете партии кои треба да се договорат за деталите.

За ова вчера на средба во Клубот на пратениците во Скопје разговарале претседателите на СДСМ Зоран Заев и на ДПА Мендух Тачи. На средбата присуствувале и Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски од СДСМ и Азем Садики од ДПА, кој е градоначалник на Студеничани.

Информација за средбата на својот фејсбук профил сподели Садики од ДПА.

– Ни беше понудена можноста да бидеме дел од идната влада предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев и ние како партија ја прифативме поканата.

Формирани се работни групи кои ќе ги предводат секретарот на ДПА и секретарот на СДСМ, Љупчо Николовски“, напиша Садики на ФБ.