Северен Квинсленд во Австралија го погоди најтешка поплава досега – поради екстремните временски услови, предизвикани од тропски циклон, во некои области падна годишното количество дожд, поради што многу места мораше да бидат евакуирани.
На аеродромот Кернс потопени се авиони, а во строгиот центар на малиот градот Ингам, од кој луѓето бегаат со чамци, бил виден и крокодил!
Многу куќи и патишта се поплавени, нема струја, се помалку има вода за пиење, а група од девет лица, меѓу кои и болно дете, морале да ја поминат ноќта на покривот од болницата, откако екипите на итната помош не успеале да стигнат до нив.
За среќа, утринава сите беа преместени на безбедно, но поради сериозноста на ситуацијата на терен, одлучено е да се евакуира и целиот град.
Засега нема извештаи за загинати или исчезнати лица, а интензивни врнежи се очекуваат и во следните 24 часа, пишува Би-Би-Си.
„Ова е најлошата природна катастрофа што ја паметам.
Сега нашата најголема грижа е сите заробени да ги сместиме на безбедно. Многу патишта се блокирани, а не можеме да добиеме помош ни од воздух“, изјави премиерот на Квинсленд, Стивен Мајлс.
Синоптичарите соопштија дека обилните врнежи ќе продолжат во поголемиот дел од денешниот ден и ќе се совпаднат со високата плима, што ќе го интензивира влијанието врз ниските заедници.
Иако од утре се очекува смирување на времето, водостојот на реките дури сега треба да го достигне својот врв што значи дека тие ќе бидат надојдени со денови.
Се очекува дека неколку реки ќе ги соборат рекордите поставени за време на големите поплави во 1977 година.
Така, реката Деинтри веќе го надмина досегашниот рекорд за 2 метри, откако за 24 часа наврнаа 820 мм дожд. Владините претставници проценуваат дека оваа катастрофа ќе ги чини повеќе од една милијарда австралиски долари.
(Фото: „Х“ – Твитер)