Драстично намален бројот на заразени од Ковид-19 во Македонија

Во моментов во Македонија, според последните податоци, активни се 1.197 случаи на заболени од Ковид-19, што укажува на драстичен пад на бројките, како и добра основа за најавеното олабавување на мерките за заштита од Ковид-19.

Комисијата за заразни болести до Главниот координативен кризен штаб за олабавување на рестриктивните мерки предложи од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено, а пак на сите затворени места, во јавниот превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца, да останат задолжителни.

Се предлага и да престане да важи забраната за групирање на отворено и да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости, а максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.

„Спортските натпревари на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30 отсто од капацитетот на стадионот. Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по шест гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат во сила. Полицискиот час, исто така, останува во сила“, информираат од Министерството за здравство.

Во текот на оваа и следната недела, Комисијата за заразни болести во соработка со организаторите на настани ќе работи на прецизирање на протоколите за одржување настани и концерти на отворено, а по 15 јуни, според договорените протоколи, ќе биде дозволена и организација на ваков тип настани.

„Состојбата е стабилна, но искуството ни покажа дека многу лесно може да се влоши доколку не се почитуваат мерките онака како што се предвидени. Затоа апелираме до стопанските субјекти и граѓаните целосно да се придржуваат до препораките“, повика ресорното Министертство.

Поради намалениот број новозаболени лица е намалена и оптовареноста на болниците. Во изминатиот период некои ковид-оддели беа затворени и беа вратени во функција на нивната првобитна намена.

Вакцинацијата се одвива во најдобар ред, според планираното.

Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во Скопје, во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Новитет е страницата https://vakcinacija.mk/revaccination, која е наменета за регистрација за ревакцинација на лицата кои се вакцинирале во странство. Страницата ќе биде во функција до 6 јули.

Од почетокот на епидемијата досега во земјава со корона вирусот се заразија 155.269 лица, 148.664 оздравеа, а починаа 5.408.

Се уште најголем број на новозаразени лица се бележи во Скопје. Од моменталните 1191 случаи, 506 се во Скопје. Според последните податоци, во Дојран и Демир Капија нема ниту еден активен случај.