Европа дава три милијарди евра за смена на Лукашенко

Европската унија е подготвена да и даде на Белорусија три милијарди евра ако од власт биде сменет претседателот Александар Лукашенко и ако биде „спроведена демократска транзиција“, изјави Жозеп Борељ, висок претставник на Унијата за надворешна и безбедносна политика.

Европската комисија во петокот соопшти дека на Советот му претставила план за економска поддршка на „идната демократска Белорусија“.

Со тоа сакаме да искажеме верба во луѓето во Белорусија и дека им даваме безрезервна поддршка. Тој план ќе биде активиран кога Белорусија ќе ја почне транзицијата кон демократија, не пред тоа“, рече Борељ во Лисабон каде што учествуваше на неофицијален состанок на министрите за одбрана на Европската унија.

Лукашенко не е воодушевен со оваа идеја“, додаде тој.

Пакетот од три милијарди евра вклучува неповратни пари и кредити за, како што се истакнува, да може Белорусија да ја стабилизира својата економија и да ги реформира институциите, соопштено е од Европската комисија. Парите би дошле од различни извори од внатре во ЕУ.

Унијата планира да ги засили санкциите после инцидентот со присилното приземјување на авионот на „Рајан Ер“ и апсењето на опозицискиот активист Роман Проташевич.

 

 

(Фото: ЕПА)