Египетски новинари осудени на по две години затвор

Судот во Египет ги осуди претседателот и двајца членови на одборот на Синдикатот на новинари на по две години затвор, поради криење на колеги кои ширеле лажни вести, бегале од законот и заради криење на изворите на информирање, пренесува Ројтерс.

Организацијата Амнести интернешнл ја осуди пресудата како „нов период на кршење на медиумите и слободите на изразување“.

Претседателот на синдикатот и двајца членови на одборот ќе можат да вложат жалба на пресудата, а до тогаш судот им одреди кауција од по 623 американски долари.

„Поведена е постапка против нас тројца, но крајната цел е синдикатот, рече претседателот на синдикатот после изрекувањето на пресудата.

Додека се изрекуваше пресудата пред судот имаше собрано новинари и членови на синдикатот кои извикуваа „Доле со војните правила“ и носеа транспаренти „Новинарството не е злосторство“.

Судот го обезбедуваа бројни полициски сили.

Тројцата синдикалци се уапсени во мај, после полициската рација во седиштето на синдикатот спроведена за да се уапсат новинарите кои ги криеле бегалците.