Една милијарда евра за модернизација на железничката мрежа

LinkSense.mk

„Финализирањето на патниот и железничкиот Коридор 8 е предизвик и нешто на кое сме силно фокусирани во овој период. Нашата цел е со регионалните партнери, Бугарија, Албанија и Италија овој Коридор да го позиционираме во единствениот Коридор на Западен Балкан. Поради тоа планираме инвестиција од преку една милијарда евра само во железничката мрежа“, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, на денешната панел дискусија за Кластерот 4.

Како што истакна Бочварски, ова било и темата на која пред два дена во Брисел разговарал со еврокомесарката за транспорт и дека побарал поддршка од европските фондови во оваа фаза на преговорите.

Во однос на приоритетите поврзани со кластерите 21 и 4, подвлече Бочварски, е и алатката „е-транспорт“ која овозможува посебна граѓанска контрола врз внатрешниот и меѓународниот превоз на патници.

„На Коридорот 10 работиме на постапките за воведување интелигентен транспортен систем (ИТС) кој подразбира имплементација на мерки за поголема безбедност и информации за возачите во реално време. Во 2023 година е предвидена тендерска постапка и имплементација на системот“, рече тој.

Патем, се осврна и на зелената агенда, нагласувајќи дека се најавени измени во Законот за градење со кои ќе се поедностави постапката за поставување фотоволтаици, како за физичките така и за правните лица.

„Ковид пандемијата не натера да делуваме регионално и Северна Македонија во тој дел беше првата земја што воспостави ‘зелени коридори’ со држава членка на ЕУ, за брз и навремен транспорт на стоките и услугите“, потенцира Бочварски.