ЕК: Никогаш нема да суспендираме ЕУ фондови поради различно мислење

LinkSense.mk

Европската комисија остро реагира по наводите што се појавија во одредени медиуми дека на организациите кои се критични кон францускиот предлог за старт преговорите на земјава со ЕУ ќе им бидат укинати средства од европските фондови.

На прашање на МИА дали овие наводи се точни или оправдани на каков било начин, портпаролите на Европската комисија порачаа дека извршното тело на ЕУ „никогаш не се заканува поради различно мислење“.

„Овие наводи се неосновани. Граѓанското општество е клучна компонента на кое било демократско општество и клучен партнер во процесот на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ“ пишува во писмената реакција испратена од портпаролите за надворешна политика Набила Масрали и Петер Стано и за проширување Ана Писонеро.

Од Европската комисија понатаму истакнуваат дека институцијата „секогаш покажувала силна заложба за поддршка на граѓанското општество“.

„Не само што Комисијата никогаш не би размислила да суспендира фондови за искажано мислење од страна на членови на граѓанското општество, туку такво делување не би било во согласност со регулативата за ИПА 3 и со тоа би било невозможно“ додаваат портпаролите на Европската комисија за МИА.

ИПА 3 се фондовите од претпристапниот процес кон ЕУ.

Пред неколку дена одредени медиуми лиферуваа информација дека „високи дипломатски извори во Брисел“ биле незадоволни што неколку организации и тинк-тенкови објавија критичен став кон францускиот предлог за преговарачката рамка за Северна Македонија и дека на овие организации „им се заканувало укинување на фондовите од ЕУ“.

Европската комисија ова целосно го демантира и потсетува дека правилата за добивање фондови од ЕУ се јасни и предмет на строг надзор.