ЕУРО2020: Финалето на „Вембли“ ќе се гледа и на „Олимпико“ во Рим

Градоначалничката на Рим, Вирџинија Раџи, иницираше денеска финалето на ЕУРО2020 во кое Италија ќе игра на 11 јули на „Вембли“ во Лондон да се гледа и на Олимпискиот стадион во италијанската престолнина.

Во предлогот доставен до Италијанскиот олимписки комитет, Раџи наведе дека финалето би се гледало на „Олимпико“ со почитување на сите здравствени протоколи поврзани со коронавирусот.

Стадионот би бил отворен за ограничен број на гледачи, кои ќе треба да бидат вакцинирани против Ковид-19, а финалето би го гледале на големите екрани поставени на „Олимпико“.

Италија вчера обезбеди пласман во финалето на Европското првенство, совладувајќи ја Шпанија на пенали, а за противник ќе го има победникот од вечерашното второ полуфинале меѓу Англија и Данска.