ЕУ им порача на лидерите од Западен Балкан: Не си играјте со оган!

Европската унија им порача денес на лидерите од Западен Балкан да „престанат да се играат со оган“ и да ги остават по страна своите политички расправии за да ја искористат обновената загриженост на европскиот блок за регионот, пренесува Ројтерс.

Европскиот комесар Јоханес Хан зборуваше на самитот на шестте балкански земји кои сакаат да се придружат на Унијата, но се загрижени поради отпорот на некои држави членки за приемот на кои било поранешни комунистички држави од источна Европа.

Идејата за членство во ЕУ со години е движечка сила за реформи на Балканот, после десет годишниот период на војни и нереди во деведесетите.

После одлуката на Британија да го напуштат европскиот блок дојде до пораст на десничарскиот популизам и развој на дебата за иднината на Унијата, а проширувањето на блокот ставено е на последно место, напоменува британската агенција.

Аналитичарите и дипломатите велат тоа ја ослабе моќта на ЕУ на Балканот, главно во сиромашниот регион каде што се присутни меѓуетнички тензии, корупција и загрижувачко движење кон авторитаризам, наведува Ројтерс.

Западот вели дека Русија ја користи оваа ситуација во своја корист создавајќи сојузи и влошителна напнатост.

После минатонеделниот самит на ЕУ, на кој тој блок повтори дека е посветен на „европската перспектива“ на Балканот, Хан во Сараево се сретна со премиерите на Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Косово.

Хан алудирал на Русија кога рекол дека постои „ниво на влијание од исток без преседан“ и изјави дека политиката на претседателот на САД кон Балканот и понатаму е нејасна.

Самитот кој го организираа БиХ и ЕУ, се занимаваше со економска соработка и инфраструктурни проекти во регионот.

Одржан е и покрај политичката криза во Македонија, опозицискиот бојкот на парламентот во Црна Гора, лутите изјави меѓу Србија и Косово и заканите за распарчување во Босна, забележува Ројтерс.

Британската агенција укажува на тоа дека се разговарало и за можно формирање на регионален пазар во кој се вклучени 20 милиони луѓе.