ЕУ ја симна забраната за патување за македонски државјани

Амбасадорите на ЕУ денеска се согласија дека за Северна Македонија, Албанија и Србија треба да се укинат рестрикциите за несуштински патувања, одлуката треба да биде официјализирана во следните денови, јави дописничката на МИА од Брисел.

Оваа информација ја потврдија денеска од португалското претседателство по средбата на амбасадорите на ЕУ во Брисел (КОРЕПЕР).

Одлуката сега треба да биде формално објавена во Службениот весник на ЕУ со што ќе стапи на сила, најверојатно во петок. Прашањето е техничко и не би требало да покрене каков било политички проблем.

Останува дека и за несуштински патувања лицата од овие три земји треба да бидат или целосно вакцинирани со вакцина одобрена од страна на ЕУ или на Светската здравствена организација. Доколку не се вакцинирани, треба да приложат негативен ПЦР тест.