Ефикасна јавна администрација услов за влез во ЕУ

LinkSense.mk

„Во периодот пред нас ќе мораме да се насочиме кон исполнување на европските барања и стандарди во реформирањето на јавната администрација и подобрување на стручноста на државните службеници“, изјави денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ во воведното излагање на објаснувачкиот скрининг за реформа на јавната администрација.

Тој истакна дека оваа област ќе биде важна за напредокот на Македонија кон Унијата и уште еден предизвик во кластерот „Темели“, додавајќи дека професионалноста на јавната администрација е важна, како за исполнување на обврските на европскиот пат, така и за создавање администрација која квалитетно ќе им служи на потребите на граѓаните.

Според Маричиќ, тоа што реформата на јавната администрација е специјално дефинирана како област и е дел од основите на кластерот „Темели“ само укажува на важноста и значењето што таа ќе го има за целиот преговарачки процес.

„Ние сме свесни дека неспорно таа ќе биде од суштинско значење за динамиката на преговорите како целина. Модернизацијата и подобрувањето на државната и јавната администрација треба да се смета како основа на целиот јавен сектор од кој зависи развојот во секое демократско општество, потенцираше Маричиќ на состанокот.

Во својство на главен преговарач, Маричиќ даде краток осврт на досега реализираното во оваа област во изминатите години, посочувајќи дека постојано е присутна политичката поддршка преку работата на Советот за реформа на јавната администрација со која претседава претседателот на Владата.

„Формирана е работна група за подготовка на нова стратегија за Реформа на јавната администрација за периодот 2023-2030 година. Работната група вклучува претставници од сите засегнати страни и државни институции и граѓанскиот сектор. Во моментов работиме на текстот на стратегијата, а во октомври ќе се фокусираме на новите активности што ќе бидат дел од акциониот план. Овие два документи ќе бидат донесени до крајот на годината“, рече Маричиќ пред претставниците на Европската Комисија.

Тој нагласи дека во текот на овој месец Министерството за информатичко општество и администрација ги објави нацрт-верзиите на законот за вработените во јавниот сектор – рамковен закон со кој се утврдуваат основите и принципите на вработените во јавниот сектор и законот за административни службеници, потенцирајќи притоа дека очекува пакетот на двата закони да биде донесен до крајот на годинава.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, кластерот „Фундаментални вредности“ има своја тежина од повеќе аспекти, затоа што вклучува области кои првпат се дел од пристапните преговори, како што се функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација и економските критериуми.

Во Брисел, во тек е објаснувачкиот скрининг состанок за реформата на јавната администрација, а според календарот, за денеска попладне е предвидено да се одржи и објаснувачкиот состанок за поглавјето 32 – „Финансиска контрола“.