Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски ќе се кандидира повторно за градоначалник, но прашање е дали на изборите ќе оди како самостоен кандидат или како кандидат на СДСМ. Тој соопшти дека побарал поддршка од социјалдемократите за уште еден мандат.
“Кандидатурата ја предадов преку партијата и ја очекувам нивната поддршка. Резултатите се тука, анкетите исто говорат за мојата поддршка. Имам слушнато за идеите за тоа да бидам кандидат за градоначалник за Град Скопје, но за ова уште не е разговарано”, рече Жерновски.
Тој даде отчет за сработеното и оцени дека е задоволен од тоа што успеал да го направи во четирите години од мандатот, без како што рече, никаква поддршка од тогашната власт.
“Се гордеам со сработеното затоа што мандатот беше одбележан во еден период кога многу често имаше блокади на институциите. Се што е сработено е со нула отсто поддршка од централната власт. Се што е реализирано е со средства од буџетот на Општина Центар”, истакна Жерновски.
Тој додаде дека сега има нова влада од која и тој е дел, но сепак, посочи дека силно ќе се спротивстави доколку продолжи неподдржувањето на општините во нивните проекти.