Заврши потрагата по преживеаните во урнатата зграда во Флорида

Спасувачите ја завршија потрагата по преживеани под урнатините на станбената зграда во Сурфајд, две недели по трагедијата во сојузната американска држава Флорида. Отсега приоритет на операцијата ќе биде отстранување на телата на починатите, јавија американските медиуми.

Властите синоќа ги информираа семејствата на исчезнатите и јавноста дека нема надеж дека тие се преживеани.

Во првите часови по уривањето на зградата на 24 јуни, 37 лица беа извлечени од под урнатините. Подоцна, спасувачите не пронајдоа ниту едно живо лице.

Спасувачите вчера пронајдоа осум тела. Вкупниот број на потврдени жртви се искачи на 54, а 86 лица се водат како исчезнати.