Заев: Верувам дека утре ќе можам да ги соопштам кандидатите за заменик-министри

– Постапката за утврдување на имињата на кандидатите за заменик-министри е во тек, изјави денеска премиерот Зоран Заев при посетата на Куманово, каде присуствуваше на отворањето на нова индустриска зона.

– Јас сум подготвен утре-задутре да ги доставам имињата на предлозите за заменик-министри до Собранието, а Собранието веројатно по 20 септември ќе го стави на дневен ред нивниот избор, истакна Заев.

Според него, услов за избор на заменик-министрите е Собранието да ги оформи своите помошни тела за да може да функционира, како и да се верификува мандатот на новата пратеничка која ќе го заземе местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Тој соопшти и дека бил информиран оти пратеникот на ДУИ, Арбен Зибери, кој беше болен од Ковид-19, од изутринава е вратен на работа.

Одговарајќи на новинарско прашање, Заев потенцира дека во моментов не може да ги соопшти имињата на заменик-министрите, затоа што со коалициските партнери сè уште ги нема утврдено сите кандидати.

– Сè уште правам интервјуа со кандидатите, разговарам со нив како потенцијални заменик-министри. Верувам дека ќе завршам до утре, за да можам да им ги соопштам на јавноста и да ги доставам до Парламентот, истакна премиерот Заев.