Заев: Груевски нема да формира влада, и тој самиот го знае тоа

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев денес од Битола повика на воздржаност додека надлежните институции не ги објават конечните резултати од изборите.

Тој апелираше институциите да работат слободно, а граѓаните да не дозволат да бидат вовлечени во матни сценарија и по којзне кој пат подвлече дека се ќе се среди, дека Македонија влегува во мирни води.

Заев напомена дека тој и Никола Груевски деновиве се во постојан контакт, а многу пати разговарале и непосредно пред изборите, дури и за време на молкот.

zaev-bitola

„Времето на Груевски заврши. Во никој случај нема да формира влада, и тој самиот го знае тоа. Затоа повикувам да не се палат страстите кај граѓаните. Јас и Груевски сме постојано во комуникација, како што бевме и за време на изборниот молк. Затоа повикувам да не се делиме повеќе и да почекаме претседателот Ѓорге Иванов да го додели мандатот за новата влада на победникот на изборите, откако надлежните институции ќе ги потврдат резултатите“, изјави Заев.

Тој рече дека новата македонска влада ќе се формира врз темелите на Европската Конвенција за човекови права.

„Европската Конвенција за човекови права овозможува да ја користат и уживаат сите граѓани на Европа и тоа е иднината на Република Македонија. Токму Европската Конвенција за човекови права ќе биде основата на идното дејствување на новата Влада на Република Македонија. Таа ќе биде платформата врз основа на која ќе се создаде новото парламентарно мнозинство и основата на дејствување на идната Влада на Република Македонија. Ќе се водиме од овие права што ги почитува цел демократски свет. Апелирам за спокој, единство и сплотеност. Не ни требаат делби ни поделби, тоа време заврши“, истакна Заев при денешната посета на Битола.

zaev-bitola

zaev-bitola-2