Заев: Договорот од Преспа е глобална порака за дијалог и мир

„Договорот од Преспа е глобална порака за мир и Обединетите нации и генералниот секретар Гутереш постојано го потенцираат како еден од ретките позитивни примери на денешницата“, оцени премиерот Зоран Заев денеска на средбата во Охрид со помошникот генерален секретар на ОН за политички прашања, Мирослав Јенча, кој, на покана на Владата и на Министерството за надворешни работи, учествува на Преспа форум дијалог.

Заев на средбата ја потенцираше посветеноста на нашата земја кон ефективен мултилатерализам и за зајакнување на улогата на Обединетите Нации во решавањето на повеќеслојните глобални предизвици и искажа силна поддршка за процесот на реформи инициран од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, чиј фокус е ставен на спречување на конфликти, одржлив развој и реформи за силна и ефикасна
организација на Обединетите Нации.

На средбата Заев истакна дека Обединетите Нации секогаш биле со нас и ја поддржувале Македонија во сите фази на нејзиниот развој и во процесот на меѓународното признавање и етаблирање на државата во меѓународни рамки и оти за тоа сме им многу благодарни.

Јенча на средбата изрази задоволство од можноста да допатува во нашата земја и да учествува на Преспа форум дијалог кој се одржува како инспирација од Договорот од Преспа кој, како што посочи, претставува историска потврда колку многу може да се постигне со политичка волја и храброст.

И Заев и Јенча изразија уверување дека соработката со ОН ќе продолжи и во иднина, во насока на обезбедување понатамошна поддршка на нашите развојни цели поврзани со нашите аспирации кон Европската унија и за автентичниот придонес на Македонија во решавање конфликти, развој на културата на мирот, внатрешна кохезија, добрососедски односи и градење доверба.