Заев: Имам лек за Груевски!

„Десет божји години ни одземаа. Е, доста е. Овој режим мора да заврши. Ќе победат граѓаните. Ќе победиме здружени. Ќе победи Mакедонија, рече вечерва Зоран Заев на митингот во Кочани.

Лидерот на СДСМ им вети на кочанчани дека владата на коалицијата „За живот во Македонија“ во првите 100 дена ќе го донесе законот за обештетување на стечајните работници и дека украдените пари ќе ги врати назад кон граѓаните.

„На Груевски не му текнува како да врати плата плус во секое семејство, а му текнува како да изнесе над 5 милијарди евра пари на граѓаните надвор од државата. Додека вас ви се трупаат сметки, нему и на фамилијата им се трупаат пари по странски банки.

Заев беше дециден дека новата владата на чие чело ќе биде тој ќе им враќа на граѓаните по 15 проценти од ДДВ и ќе обезбеди плата плус за секое семејство, дека ќе ја врати дневната евтина тарифа и ќе има евтина струја цел викенд, дека ќе ја укине радиодифузната такса и ќе направи да има бесплатно болничко лекување за сите.

Тој рече дека Груевски приказната за федерализација ја измислува затоа што е свесен дека ќе треба да ги врати украдените пари.

„Груевски лаже, лаже корне. Со, наводно, некаква федерализација, збор што само тој го изговара, се обидува да ве збуни. Никола, никој не ти верува. Станавме дијазепам земја, хелекс држава, лексилиум општество. Но, ние имаме лек за Груевски. Ќе му го препишеме на 11 декември и нема да му земеме за тоа пари. Ама, ќе плати за сите злосторства што ги направи врз мојот народ, врз нашиот народ. Подавам рака, носам живот за сите граѓан на Македонија. Изберете промени, за да има промени. Да спречиме четири нови години голгота, рече Заев.