Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, веднаш откако Никола Груевски пред зградата каде што заседаваше Државната изборна комисија го прочита прогласот на ВМРО-ДПМНЕ, и се обрати на македонската јавност преку својот Фејсбук профил.
Почитувани граѓани,
Да не дозволиме никакви провокации од никого вклучително и од оној што 10 години ја упропастуваше Македонија.
Неговото време заврши.
Институциите мора да си ја завршат својата работа согласно Уставот и законот. Од одлуките на ДИК и Управниот суд не зависи кој ќе формира Влада, но тие се важни заради вистината и фактите.
Граѓаните со огромно мнозинство гласови, повеќе од 600.000 гласаа за промени. Промените ќе се случат и тие незапирливо доаѓаат без разлика што на врхушката на ВМРО ДПМНЕ и е тешко тоа да го прифати.
Промените се здрави за секоја држава, така и за Македонија.
Повикувам на достоинствено и трезвено однесување.
Повикувам на трпение и воздржаност.
Повикувам на одговорност кон државата и граѓаните.
Доаѓа слобода за сите граѓани, за сите кои гласаа за промени и за сите кои беа уценети и притиснати од Груевски.
Македонија ќе оди напред. Ќе има живот за сите.