Заев: На 11 декември ќе го отрезниме Груевски!

„Имам огромна чест од овде, од Малешевијата, да објавам – подготви се Македонијо повторно слободно да дишеш! За десет дена ставаме крај на десетгодишниот режим“, рече Зоран Заев вечерва на митингот во Берово.

На беровчани Заев им вети дека ќе направи просечната плата да биде 30.000 денари, а минимална плата од 16.000 денари, да има за сите и дека за земјоделците ќе обезбеди 20 отсто повисоки субвенции.

„Никола Груевски и неговата фамилија ќе вратат се што зеле. Ќе има конфискација, добро знае Груевски, ќе има – се што украде, се има да врати! Груевски се однесува како да пиел малешевска сливова ракија и тоа без мезе. Мамурни се сите, не се свесни дека на 11 декември ќе ги отрезниме, рече лидерот на опозицијата и предводник на листата за кандидати за пратеници од коалицијата „За живот во Македонија“ во четвртата изборна единица, Зоран Заев.

На крај Заев им порача на малешевци, на 11 декември, како пред секоја важна одлука, прво да избројат до 3, а потоа да гласаат за број 4.

На митингот во Берово говореа и Драган Аговски, Јагода Шахпаска и Љупчо Николовски.