Заев: Не поседувам ниту сум видел докази за инволвираност на Вељановски во „Монструм“

„Не поседувам ниту сум видел било какви докази за инволвираност на Трајко Вељановски во случајот Смилковско езеро“, изјави доскорешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев одговарајќи на прашање поставено од родител на едно од убиените момчиња на денешното рочиште за случајот „Монструм“.

Заев, сведочи на денешното рочиште за „Монструм“ во Кривичниот суд, на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро во април 2012 година.

„Секогаш кога сум имал средба со вас родителите секогаш било на ваше барање како родители кои трагаат по целосна вистина за убиството и секогаш без скриени намери сум давал одговори и пред вас пред јавноста“, рече Заев.

Важно е повтори Заев да се отвори повторно процесот и да се дадат одговори на сите сомневања што постојат во јавноста.

На прашање од родител дали бил повикан досега пред истражен судија или обвинител за „Монструм“, Заев рече дека не бил повикан ниту од обвинител ниту од истражен судија да даде исказ за овој случај.

Заев, претходно кажа дека сите материјали кои ги поседувале во СДСМ и во кои имал увид како претсетел на партијата, биле предадени во СЈО.

Кажа дека од самиот увид на материјалите се гледа дека нема целосно континуитет односно луѓето кои биле вработени во МВР не можеле секогаш да земаат копии од тие материјали и да ги достават до тогашната опозициска СДСМ.

Заев потврди дека неколкупати се сретнал со роднини на убиените момчиња, кои сакале да добијат повеќе информации од „бомбите“.

На една од средбите, дел од родителите изразиле сомневање дека
правосудниот систем крие од нив информации и докази.

Тој им презентирал аудио материјали кои ги побарале, без да им даде копија.

За тоа што јавно не ги објавил материјалите, Заев рече дека единствена причина била што сметал дека не постои целовитост за создавање целосна слика, и затоа на крајот решил, се што поседува, да не биде објавено, туку да биде доставено до СЈО, за тие да ги употребат за докажување на вистината за „Монструм“ пред судот.

Претходно, во судницата беше пуштена снимка од собраниска седница, на која Заев зборува за случајот „Монструм“ како одговор на прашање од пратеникот Зоран Илиоски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и
предметот беше вратен на повторно судење.